Центри за ран детски развој

Центрите за ран детски развој претставуваат алтернатива на градинките во локални заедници каде нема детски градинки, а тоа се пред се селските и маргинализираните средини. Разликата помеѓу градинките и Центрите за ран детски развој е во тоа што Центрите за ран детски развој не обезбедуваат услуги за целодневна „грижа за детето“ (децата кои ги посетуваат Центрите не јадат и не спијат во центарот); децата кои посетуваат центри за ран детски развој само учествуваат во организирана програма за рано учење (вообичаено по два часа во денот). Тие се соодветни и флексибилни во задоволување на потребите на децата за учење и развој и поевтини (пониски трошоци) за организирање отколку градинките. И Центрите за ран детски развој работат по Програмата за рано учење и развој која е базирана на Стандардите за рано учење и развој.

Центрите за ран детски развој се идентификувани како приоритет на државата со цел да се зголеми опфатот на децата од најсиромашните и најзапоставените заедници. Ова се нивните 5 клучни функции:

1. Поддршка за локалните заедници при идентификување на ранливите групи деца;
2. Примена на Стандардите за рано учење и развој во поддршка на раната стимулација и развојот на децата за подобра подготовка за училиште и воопшто за живот;
3. Организирање активности со родителите во заедницата насочени кон обезбедување на поддршка за малите деца;
4. Помош и поддршка за родителите за подобрување на пристапот до други основни социјални услуги за нивните мали деца;
5. Јакнење на свеста за важноста на раниот детски развој во локалната заедница.

Силна страна на Центрите за ран детски развој е и поддршката која ја пружаат на родителите со цел да им обезбедат подобра грижа и поддршка на децата во домашна средина.

Центрите за ран детски развој нудат различни видови на услуги во зависност од потребите на локалната заедница; согласно старосните групи, тие вклучуваат:

1. Возраст 0-1 година: Некои Центри вршат месечни домашни посети.
2. Возраст 1-3 години: Родителите се собираат два пати месечно на информативни сесии.
3. Возраст 3-6 години: Децата сами доаѓаат во Центрите како за индивидуални така и за групни активности за учење. Некои Центри исто така продолжуваат со образование за родителите на децата од оваа возрасна група.

Бројот на часови кои децата од 3-6 годишна возраст ги поминуваат во Центрите во најголемиот број случаи изнесува 10 часа неделно, обично поделени во 5 дена. Овие сесии од по 2 часа се одржуваат одделно за 3-годишните, 4-годишните и за 5-годишните деца, што резултира со шест консекутивни часа работа за наставникот. Заедно со активностите за децата под 3-годишна возраст, вкупниот обем на работа е полно работно време. Во зависност од големината на групата, но и од финансиската ситуација, наставниците работат сами или во тимови од по двајца.

Со цел да се обезбеди одржливост, нови центри ќе се отворат во партнерство со општините кои ќе обезбедат простор за Центрите (т.е. обично ова се општински згради кои не се користат или училница во локалното училиште) и се обврзуваат на покривање на повторливите трошоци (т.е комуналните трошоци и плата на едукаторите). Партнерството помеѓу УНИЦЕФ и Фондацијата Т-Мобиле ќе ги покрие почетните трошоци (т.е ситните поправки, набавка на опрема и едукативни материјали како и обука за едукаторите за примена на стандардите).