Физички и моторен развој

Ова поле од раниот развој на децата, опфаќа развој на физички и моторни вештини, кои почнуваат да се појавуваат во возраста кога децата се доенчиња или мали деца. Кога се раѓаат, малите бебиња сè уште не се доволно развиени за да можат да го контролираат своето тело. Подоцна, зајакнуваат, стануваат постабилни, проодуваат, почнуваат да трчаат, се качуваат по скали, научуваат да возат велосипед. Овие промени се толку големи што не може да останат незабележани од возрасните кои се грижат за децата.

Откако ќе ги стекнат овие способности, децата почнуваат да општат со предметите со коишто се опкружени и со сè што е околу нив. Во овој период, почнуваат да се движат поцврсто и постабилно, стекнуваат контрола врз сите делови на телото, стануваат свесни за просторот во кој се движат и почнуваат сè пораздвижено да ја истражуваат својата околина. Развојот на системот за движење и зацврстувањето на телото е многу важен дел од развојот на малите деца - им помага и на другите текови што се поврзани со развојот на детето.