Холистички начин

Поимот „холистички“ укажува дека нешто се разгледува „како целина“. Развојот на децата се одвива на неколку полиња истовремено, а холистичкиот начин ги разгледува сите тие процеси како целина, односно, развој на „цело дете“. Овој начин е заснован на општоприфатените принципи дека сите домени на човековиот развој се меѓусебно поврзани и дека детскиот развој се одвива низ сите развојни домени истовремено и дека развојот на секој од нив воедно го помага и развојот на останатите.

И самите забележуваме дека има разлика од дете до дете. Иако се на иста возраст, кај некои деца може порано да се случува еден тип развој, додека, во истиот период, други деца може да бидат понапредни во друго. Како што можеме да забележиме во нашето опкружување, едно дете може порано да прооди од некое друго, но другото да почне порано да зборува. Која од способностите на детето ќе почне порано да се развива и колку ќе биде детето напредно во секоја од нив, многу зависи и од тоа колку време одвојуваме со нив и колку се успешни начините на кои се обидуваме да ги поттикнеме да откриваат нови знаења и да препознаваат нови законитости во светот околу нив додека растат и се развиваат.