Фондацијата Т-Мобиле стана партнер на УНИЦЕФ во проширување на можностите за раниот детски развој

Скопје, 5 март 2013 година: Фондацијата Т-Мобиле за Македонија и Фондот за деца при Обединетите nации (УНИЦЕФ) денес објавија партнерство за проширување на услугите за раниот детски развој. Иницијативата има за цел да обезбеди сите деца да добијат еднакви можности за здрав физички, социјален, емоционален и когнитивен развој во првите пет години од својот живот.

Преку интегрирање на паричните донации и повеќе други активности, вклучувајќи и комуникациска кампања, едногодишното партнерство има за цел да ја подигне свеста за важноста на раниот детски развој и отворање на нови центри за ран детски развој во ранливите заедници каде што тие се и најпотребни. Ова е прво партнерство од овој вид и служи како модел за стратешка корпоративна социјална одговорност.

“Првите пет години од животот се најважни за детскиот развој и имаат долгорочни последици,” рече г. Шелдон Јет, претставник на УНИЦЕФ. “Во текот на првите години од животот мозокот најбрзо се развива и научно е докажано дека децата кои посетуваат висококвалитетни програми за ран детски развој постигнуваат подобри резултати во училиште и има поголема веројатност тие подобро да напредуваат во животот”.

Единствениот пристап до програмите за ран детски развој во државата е преку програмите во градинките финансирани од државата и преку мал број на Центри за ран детски развој отворени со поддршка на УНИЦЕФ. И покрај тоа што пристапот до услуги благо порасна во последните години, во моментов само 1 од 5 деца (22%) на возраст помеѓу 3 и 5 години има пристап до услугите за ран детски развој.

За жал, имајќи ја предвид структурата на постојниот систем- само 43 од сите општини имаат градинки а 90% се наоѓаат во урбаните средини, главно во Скопје – децата на кои најмногу им се потребни овие услуги се токму оние кои се изоставени. Само 6% од децата кои живеат во руралните области учествуваат во програмите за ран детски развој. Во овие програми нема скоро воопшто деца (0.3%) од најсиромашните домаќинства.

Преку ова партнерство УНИЦЕФ и Фондацијата Т-Мобиле за Македонија ќе работат на надминување на јазот преку едуцирање на родителите и згрижувачите, отворањето нови центри за ран детски развој и подобрување на квалитетот на програмите за учење во градинките.

"Фондацијата Т-Мобиле за Македонија и УНИЦЕФ имаат иста цел – сакаме да го подобриме квалитетот на животот за децата, особено оние од социјално загрозени средини, и преку ова партнерство планираме да го постигнеме токму тоа,” рече г-а Леа Липша, директор на Фондацијата Т-Мобиле за Македонија. “Планираме да обезбедиме сите деца во Македонија, без оглед на нивното потекло да добијат еднакви можности за развој на својот полн потенцијал во најважните години од нивниот живот – првите пет. За целосно да се реализира овој проект што е од национален интерес, потребно е да ја мобилизираме целата заедница.”

Центрите за ран детски развој кои ќе се отворат преку ова партнерство се базираат на пилот-модел од УНИЦЕФ. Центрите за ран детски развој кои беа формално признаени со последните промени во Законот за детска заштита се најрентабилна алтернатива на градинките. Тие најдобро ги опслужуваат заедниците во кои не постојат градинки, како што се руралните средини и маргинализираните заедници. Децата посетуваат организирана програма за учење неколку часа во денот и родителите имаат пристап до образовни програми за тоа како да работат со децата во својот дом. Програмата која ја нудат Центрите е заснована на Стандардите за рано учење и развој поддржани од УНИЦЕФ.

Во моментов постојат дваесет (20) вакви центри кои беа основани преку програмата на УНИЦЕФ, а со поддршка на локалните власти. Преку овие партнерства, Фондацијата Т-Мобиле за Македонија ќе донира најмалку US$50,000 за отворање на дополнителни центри.

Иницијативата пред се има за цел да овозможи децата да ги достигнат своите полни потенцијали денес, но УНИЦЕФ нагласува дека инвестирањето во раниот детски развој има долгорочна полза за целата земја вклучувајќи ја и деловната заедница. Поздравувајќи го скорешното усвојување на промените во Законот за детска заштита и владината заложба за проширување на услугите, УНИЦЕФ потврди дека се поставени основите за вклучување на деловната заедница со цел да ги направат овие услуги универзални.

“Универзално достапниот ран детски развој не е само вистинското туку и најразумното нешто,” продолжи г. Јет. “Постојат јасни докази дека децата кои посетувале програми за ран детски развој имаат помала веројатност да го напуштат школувањето или да се вклучат во криминал и имаат поголема веројатност да завршат високо образование и да имаат повисоки приходи. Намалениот товар врз социјалниот систем и подобро обучената работна сила докажано ги оправдуваат трошоците за проширување на образованието во раното детство.”

Како дополнување на отворањето на новите центри, партнерството вклучува и национална кампања за важноста на негување на безбедна и стимулативна средина за малите деца.

“Овој проект има долгорочен бенефит и за идните генерации ќе треба да се вклучат бизнис партнери, медиумски партнери, самите општини, агенции и поединци, целата јавност,” продолжи г-а Липша.

Увидувајќи ја важноста од мобилизирање на целата заедница ова партнерство исто така обезбедува можност за сите оние кои сакаат да ги стават децата на прво место и да дадат свој придонес и активно да се вклучат.

За подетални информации, обратете се на:

Леа Липша, директор на Фондацијата Т-Мобиле за Македонија ,Тел: +389 (2) 3210 722, E-Mail: FoundationT-MobileforMacedonia@telekom.mk,

Сузи Папас Чаповска, службеник за комуникација, УНИЦЕФ Скопје, тел: +389 2 3231150, моб: +389 72 236 725; E-mail: spappas@unicef.org

Партнерството помеѓу Фондацијата Т-Мобиле за Македонија и УНИЦЕФ во неколку збора:

  • Има за цел да обезбеди универзален пристап до можностите за здрав физички, социјален, емоционален и когнитивен развој во првите пет години од својот живот.
  • Вклучува почетна донација од Фондацијата Т-Мобиле за Македонија од US$50,000
  • Отворање на Центри за ран детски развој во заедниците каде тие се најпотребни.
  • Кампања за јакнење на свеста за важноста од негување и одговорна грижа за безбедна и стимулативна средина во првите 5 години од животот.
  • Активности со кои ќе ја привлече целата заедница да се вклучи.