Одберете квалитетна установа за вашето дете

Малите деца влегуваат во детските градинки и во центрите за детски развој со голема љубопитност за истражување и учење на нови работи.

Патот што го изодува секое дете додека се развива е речиси ист за секое од нив — на пример, секое дете најпрвин научува да седи, па подоцна проодува — но, кај различни деца, процесите можат да се случуваат на различна возраст. Така, некои деца почнуваат да зборуваат по рвиот роденден, некои - непосредно пред вториот.

Во колкава мера и со колкав квалитет му се помага на детето да открива и прифаќа нови знаења додека е мало, во семејството и во детските градинки, во толкава мера ќе се движи и развојот на детето во раното детство.

Детските градинки или центрите за ран детски развој кои работат по Стандардите за рано учење и развој имаат воспитувачи што поминале обуки за работење според тие искуства во секојдневната пракса. На кое рамниште е нивното работење, лесно ќе препознаете кога ке влезете во занималните во кои престојуваат децата.

Во таквите установи ќе најдете воспитувачи што користат разновидни начини за подучување на малите деца, занимални во кои децата заинтересиранo учествуваат во активностите, а воспитувачот се труди со разновидни начини да го разбуди интересот кај секое дете да научи нови работи и да усвои нови вештини.

Запишувањето на детето во детска градинка, или во центар за ран детски развој, е голема промена во секојдневниот живот и голем предизвик за секое дете. Како детето ќе ја прифати промената, многу зависи од квалитетот на работењето во установата — како промената влијае врз детето и дали детето бргу ќе ја прифати новата социјална средина.

Установите кои се стремат кон квалитетни услуги, користат сеопфатен, или, стручно кажано, „холистички начин“ за потикнување на раното учење. Кај нив, предизвикот е заедно со подучувањето да ја поттикнуваат и иницијативноста на децата , и стекнувањето нови знаења и вештини воедно да ја негува и нивната кретаивност , верба во себе и желбата за учење и откривање нови знаења.

Во ваквите установи, децата лесно го прифаќаат новото, поинакво секојдневие, лесно воспоставуваат пријателства со другите деца и со воспитувачите, лесно ги искажуваат своите чувства и лесно наоѓаат решение за непредвидените ситуации. Тоа најлесно ќе го забележите од односот на децата што веќе се вклучени во програмата на установата кон вас или кон вашето дете, како нови лица во нивниот простор.

Колку некоја установа ја заслужува вашата доверба ќе видите и од навидум неважните детали со кои ќе ве пречека. Внимавајте на нив: на изработките на децата во изложбените катчиња, цртежите на паноата, уредноста на дворот, боите со кои се бојадисани шкафчињата со чевлички и ранци, појавноста на вработените, мелодијата на нивниот разговор.

Информирајте се добро, следете го гласот на срцето и бидете мудри!