Во тетовско Селце отворен првиот центар за ран детски развој во рамките на иницијативата “Првите 5 се најважни на свет”

Селце – Тетово, 6 февруари 2014 година:  Со сечење на црвена лента денес градоначалничката на Тетово Теута Арифи, претставникот на УНИЦЕФ д-р Бертран Демулан и претседателката на Фондацијата Т-Мобиле за Македонија Леа Липша свечено го отворија првиот центар за ран детски развој основан во рамките на иницијативата “Првите 5 се најважни на свет”.  

Втемелен врз финансиски исплатлив модел за предучилишно образование, овој нов центар за ран детски развој ќе опслужува приближно 130 деца на возраст 3 до 5 години од руралната населба Селце, деца кои до сега немаа никаков пристап до предучилишно образование.

“Децата што посетуваат квалитетни предучилишни програми постигнуваат подобар успех во основно училиште и имаат подобри изгледи за успешност понатаму во животот”, изјави д-р Бертран Демулен, претставник на УНИЦЕФ.  “Сепак за голем дел од општините единствената можност да се понудат предучилишни програми беше отворање на детска градинка, што не е секогаш финансиски остварливо.”

Со неодамнешните промени на Законот за заштита на децата се овозможи разновидност во понудата на услуги во областа ран детски развој. Центарот за ран детски развој во Селце е првиот кој беше основан со донација од 50 000 американски долари од Фондацијата Т-Мобиле за Македонија.  Центарот се отвори во соработка со Општина Тетово, која пренамени и прилагоди претходно неискористен простор во локалното основно училиште. Општината исто така вработи воспитувач и ќе ги покрива оперативните трошоци за работа на центарот.

“Децата се нашата иднина. Утре, се ќе биде во нивните раце затоа треба да ги едуцираме како што треба. Дружењето и играта овозможуваат децата да развијат вештини кои им требаат за да научат да читаат, пишуваат, да мислат и да се однесуваат убаво со другарите.Општина Тетово ја подржува иницијативата за отварање на Центарот за ран детски развој која е една од низа активости што планираме да ги превземеме во насока на обезбедување на услови за развивање на интелегенцијата, личноста и здравиот однос на децата со светот што ги опкружува,” изјави градоначалничката на Тетово Теута Арифи.

Средствата донирани од Фондацијата беа искористени за покривање на трошоците за реновирање и прилагодување на просториите, опремување на центарот со мебел, играчки и учебни помагала, како и обука на воспитувачите за примена на најсовремените методи за ран детски развој.

"За да отвориме што повеќе центри низ цела Македонија, потребна ни е поддршка од целата заедница – од бизнис компаниите, од општините, но и од граѓаните. На бројот за донации 143 555, може да се донираат 100 денари од трите мобилни оператори. Ја повикувам целата јавност да ја поддржи оваа толку важна акција, што има за цел да им овозможи на сите деца во Македонија еднаква можност за правилен развој, без разлика од каде доаѓаат," изјави Леа Липша, претседателка на Фондацијата Т-Мобиле за Македонија.

Во центрите за ран детски развој, како што е овој во Селце, децата поминуваат неколку часа дневно во организирана програма за учење, а и родителите може да научат од едукативните програми за работа со децата дома. Програмата во центрите произлегува од државните Стандарди за рано учење и развој изработени со поддршка од УНИЦЕФ.  Бидејќи трошоците за основање на овие центри се пониски од трошоците за основање на детски градинки, центрите се најдобра можност за опслужување на населбите во кои нема доволно можности за отворање на детски градинки, а тоа се руралните и маргинализираните населени места.

Досега преку програмата на УНИЦЕФ се основани дваесет и еден (21) центар за ран детски развој, со поддршка од локалните самоуправи.  Со средствата донирани од Фондацијата Т-Мобиле за Македонија ќе се отворат центри и во Јаргулица (Радовиш), Десово (Долнени), Злеово (Радовиш), и Долно Лисиче (Аеродром).

За повеќе информации ве молиме обратете се на:

Сузи Папас Чаповска,  УНИЦЕФ Скопје, тел: +389 2 3231150; E-mail: spappas@unicef.org и Ирина Ивановска, тел +389 2 3231150; E-mail: iivanovska@unicef.org