Децата од Јаргулица сега имаат можност да посетуваат предучилишна програма

ЈАРГУЛИЦА, РАДОВИШ, 19 февруари 2014: Благодарение на новиот центар за ран детски развој кој беше отворен во рамките на иницијативата „Првите 5 се најважни на свет“, децата на возраст од 3 до 6 години од селото Јаргулица сега имаат можност да посетуваат квалитетна предучилишна програма. 

Денес со сечење лента центарот официјално го пуштија во употреба г. Сашко Николов, градоначалник на Радовиш, г-а Ража Мсефер Берада, заменик претставник на УНИЦЕФ и г-а Леа Липша, претседател на Фондацијата Т-Мобиле за Македонија.

„Со отварањето на овој нов центар за ран детски развој покажуваме дека општината не мора да инвестира многу пари за да направи голема промена. Со пренамена на просторија од училиштето која не се употребуваше овозможивме најмалите деца од Јаргулица да добијат исти можности како нивните врсници кои живеат во Радовиш,” рече г. Сашко Николов, градоначалник на Радовиш. 

Јаргулица е мало село сместено 12 километри од Радовиш со 200 домаќинства. Со оглед на тоа што за да се стигне до најблиската градинка треба да се вози околу 20 минути, децата од Јаргулица до денес беа во оние 70 отсто деца во земјата кои не посетуваат предучилишни програми.

“Центрите за ран детски развој се од најголема полза за оние места во кои нема можност за отварање градинка, како што се селските и маргинализираните заедници,” рече г-а Ража Мсефер Берада, заменик претставник на УНИЦЕФ. “Се работи за докажано исплатлив модел кој беше воведен со последните законски промени.”  

Освен што обезбедува физички простор, општината исто така ги покрива трошоците за плата на едукаторката и тековните трошоци за одржување на центарот така што програмите за децата се бесплатни.  Дел од средствата кои беа донирани од страна на Фондацијата Т-Мобиле за Македонија – вкупниот износ е 50,000 американски долари – се употребија за опремување на центарот во Јаргулица со мебел, играчки и едукативен материјал, како и за обука на едукаторите за примена на најсовремени методи за поттикнување на раниот детски развој.   

"Сега се повеќе деца од селските и маргинализирани средини добиваат можност да посетуваат квалитетни програми за ран детски развој, но наша цел е тоа да го овозможиме за сите деца во Македонија,” рече г-а Леа Липша, претседател на Фондацијата Т-Мобиле за Македонија. 

Преку кампањата „Првите 5 се најважни на свет” се упатува повик до општините да влезат во партнерство со УНИЦЕФ и до приватниот сектор и поединците да донираат за да се прошири мрежата на услуги во оние заедници кои имаат најголема потреба од тоа. Компаниите од приватниот сектор може да „посвојат центар за ран детски развој“, а поедниците може да донираат 100 денари со повик на 070/075/077 143 555.