ВО ОПШТИНА ДОЛНЕНИ ЗА ПРВ ПАТ СЕ ВОВЕДУВА ПРЕДУЧИЛИШНА ПРОГРАМА 

СЕЛО ДЕСОВО, ОПШТИНА ДОЛНЕНИ, 3 март 2014 година: Денес на свечена церемонија д-р Боше Милошески, градоначалникот на Општина Долнени и д-р Бертран Демулен, претставникот на УНИЦЕФ официјално го отворија Центарот за ран детски развој во селото Десово, со што во оваа општината за прв пат се оствари можност за користење на овој вид на услуга. 

Десово е едно од 37-те села во Општина Долнени, во која до денес немаше никакви предучилишни услуги – детски градинки или центри за ран детски развој. “Во минатото не беше можно да се отвори детска градинка во нашата општина”, изјави градоначалникот на Општина Долнени д-р Боше Милошески. “Благодарение на овој економичен модел, децата од Десово ќе бидат првите деца од Општина Долнени кои ќе посетуваат организирана предучилишна програма”. 

Во моментов детски градинки има само во 45 од вкупно 80 општини, и тоа главно во градовите и урбаните средини. За жал, за голем број општини отворањето на детска градинка е неизводливо поради трошоците што би требало да ги сносат локалните самоуправи и родителите. Со неодамнешните реформи во оваа област се воведе можност за разновидни услуги и алтернативни решенија. 

“Воведувањето предучилишни услуги не треба да се смета за трошок, туку за вложување во човечки капитал, економски и социјален развој”, изјави претставникот на УНИЦЕФ д-р Бертран Демулан. “Во согласност со новите реформи, општините прилагодуваат неискористени простории во основните училишта и здравствените амбуланти за да им ги понудат овие услуги на заедниците каде што се најпотребни”. 

Центарот за ран детски развој во Десово е третиот центар отворен во рамките на иницијативата “Првите 5 се најважни на свет”. Првите два центри се отворени во селото Селце, Општина Тетово, и во селото Јаргулица, Општина Радовиш. Со средства донирани од Фондацијата Т-Мобиле за Македонија ќе се отворат најмалку осум центри. 

“Инвестицијата што е потребна за да обезбедиме еднаква можност за квалитетен ран развој на сите деца во Македонија не е многу голема,” изјави претседателката на Фондацијата Т-Мобиле за Македонија Леа Липша. “Затоа се надеваме дека досега отворените центри ќе послужат како пример за другите општини и за приватните претпријатија да се придружат на оваа иницијатива”.  

Во кампањата “Првите 5 се најважни на свет” на општините им се предлага партнерство со УНИЦЕФ, а претпријатијата и поединците се повикуваат со нивни донации да помогнат во натамошното ширење на мрежата на програми за ран детски развој. Претпријатијата имаат можност да “усвојат центар за ран детски развој” со покривање на трошоците за основање на центар, а поединците може да дадат донација од 100 денари со повик на бројот 070/075/077 143 555.