Отворен центар за ран детски развој во село Дебреше

СЕЛО ДЕБРЕШЕ, ГОСТИВАР, 24 СЕПТЕМВРИ 2014 ГОДИНА: Благодарение на новиот центар за ран детски развој отворен во рамките на иницијативата “Првите 5 се најважни на свет”, приближно 90 деца на возраст од 3 до 6 години од селото Дебреше сега имаат можност да посетуваат квалитетни предучилишни програми.

Центарот свечено го отворија г-дин Невзат Бејта, градоначалник на Гостивар, и д-р Бертран Демулен, претставник на УНИЦЕФ, со пригодно сечење на лента.

““За краток период успеавме да го отвориме центарот за ран детски развој во Дебреше и вакви центри ќе отвориме и во неколку други училишта. Благодарение на УНИЦЕФ и на Фондацијата Т-Мобиле создадовме услови децата од 3 до 6 годишна возраст да посетуваат предучилишно образование затоа што иднината на секое семејство и на секој народ е едукацијата на децата. Се надевам дека просторот што го уредивме заедно ги исполнува стандардите за предучилишно образование во земјите на Европската Унија.,” изјави г. Невзат Бејта, градоначалник на Гостивар.

“Децата во првите пет години од животот го достигнуваат својот најголем развој,“ изјави д-р Бертран Демулен, претставник на УНИЦЕФ. „Децата што посетуваат квалитетни предучилишни програми имаат подобар успех во основно училиште и имаат подобри можности понатаму во животот. Центрите за ран детски развој се исплатлив начин сите деца да ги добијат тие можности.”

До неодамна единствена можност за општините да го прошират опфатот на предучилишните услуги беше основање на детски градинки. Со новиот Закон за заштита на децата сега се овозможува општините да основаат центри за ран детски развој како економична алтернатива на детските градинки.

Освен што обезбедува простории во основното училиште “Фаик Коница”, локалната самоуправа исто така ќе ги покрива трошоците за плата на воспитувачкиот кадар и тековните трошоци за центарот, со што услугата ќе буде бесплатна за сите деца во селото.

Дел од донацијата на Фондацијата Т-Мобиле за Македонија се искористи за опремување на центарот со мебел, играчки и наставни материјали, и за обука на воспитувачите за спроведување на најсовремените методи на ран детски развој.

Центарот во Дебреше е шестиот ваков центар отворен со финансиски средства донирани од Фондацијата Т-Мобиле за Македонија во рамките на иницијативата “Првите 5 се најважни на свет”. До крајот на годинава ќе се отворат уште три вакви центри во рурални населби во општините кои неодамна се приклучија на иницијативата – Центар Жупа во Центар Жупа; Ратавица во Пробиштип и Радојца Новичиќ во Охрид.

Дознајте повеќе на www.prvite5.mk или следете нé на www.facebook.com/prvite5.mk и https://twitter.com/prvite5.