Претпријатија

Меѓународни истражувања покажуваат дека вложувањето во раниот детски развој е најдобрата стратегија за поттикнување на социјална инклузија и равој на човечки капитал.

Децата кои се квалитетно стимулирани во организирани предучилишни програми и дома, во раното детство се поуспешни во сите сфери на понатамошниот живот. Тие на време се запишуваат на училиште, имаат подобар успех во училиштето и подобри можности за вработување. Ова важи за сите деца, но најмногу за децата од маргинализираните семејства.

Сепак кај нас само 1 од 5 деца посетува организирано предучилишно програма. И некои родители не ја согледуваат важноста на холистичкиот развој кај нивните деца и не знаат како да го поттикнат. Исто така, само во 43 од сите општини има детски градинки и 90% се во градски средини, претежно во Скопје. Децата на кои им е најпотребно предучилишно образование се токму оние кои немаат пристап до него.

Со ваша помош, сакаме да го премостиме овој јаз и да понудиме можности за повеќе деца и родители.

Придружете се на Фондацијата Т-Мобиле за Македонија и поддржете ја програмата на УНИЦЕФ за ран детски развој со тоа што ќе “посвоите” центар за ран детски развој; односно ќе донирате на УНИЦЕФ за покривање на трошоците за отворање на нов центар.

Што добива вашето претпријатие

  • Даночни олеснувањa: Донации во пари, опрема или производи за поддршка на програмите на УНИЦЕФ во земјата можат да се разгледаат како дејност од јавен интерес; следствено, претпријатијата може да побараат даночни олеснувања како што е наведено во Законот за донации и спонзорства. 
  • Можност да ја покажете вашата корпоративна општествена одговорност: Со посвојувањето на центар за ран детски развој покажувате дека вашето претпријатие се грижи не само за денешните добивки, туку и за заедницата и нејзините жители, денес и во иднина.
  • Oдноси со јавноста: УНИЦЕФ ќе го промовира вашето претпријатие како партнер во соопштенијата за медиумите за свеченото отворање на центрите што ќе ги посвоите. Логото на вашето претпријатие ќе се постави  на оваа веб-страница.
  • Задоволство кај вработените: вашите вработени, не само тие што имаат деца на предучилишна возраст, туку и сите други, ќе бидат дополнително мотивирани со тоа што претпријатието во коешто работат придонесува кон подобрувањето на животот на децата.

Како ќе бидат искористени вашите донации

Новите центри за ран детски развој ќе се отвораат во соработка со локалните (општинските) самоуправи кои обезбедуваат простор (зграда) за центарот, вработуваат едукатор и ги покриваат тековните трошоци. Кога ќе посвоите центар за ран детски развој вашата донација ќе се искористи за да се:

  • покријат трошоци за помали уредувања и прилагодувања на просторот.
  • опреми центарот со мебел.
  • опреми центарот со едукативни играчки, материјали и опрема за учење.

Други начини на кои претпријатијата можат да помогнат

  • Донации во стоки или услуги за потребните едукативни играчки, материјали за учење, мебел, опрема или печатарски услуги.
  • Како семејно ориентирано претпријатие може да отворите центар за ран детски развој во/до самите работни простории, за децата на вашите вработени или клиенти.

Работиме со најдобрите

УНИЦЕФ, исто како и вие, сака да работи со најдобрите и да испорачува најдобри резултати. Затоа УНИЦЕФ склучува договори само со претпријатија, без оглед на нивната големина, кои ги имаат истите вредности. УНИЦЕФ не склучува договори со: претпријатија што се занимаваат со оружје и вооружување, со алкохолни или тутунски производи; претпријатија кои ги прекршуваат санкциите на ОН; производители на заменско млеко за доенчиња чиишто практики на маркетинг се спротивни на меѓународниот Кодекс за маркетинг на заменско млеко за доенчиња; претпријатија вмешани во порнографија, експлоататорски и/или коруптивни практики; претпријатија за кои е утврдено дека прекршуваат закони за заштита на околината.

Како да се донира?

Претпријатијата што сакаат да посвојат центар за ран детски развој или да помогнат на други начини треба да се обратат до Канцеларијата на УНИЦЕФ во Скопје Тел: (02) 3231150 или електронска пошта skopje@unicef.org.