Придружи ни се

Отворете центар за ран детски развој во вашето место

Сé до неодамна единствената можност за општините да ги прошират услугите во областа на раниот детски развој беше отворање на детска градинка, но во многу места ова не е изводливо. Голем број општини немаат средства за да отворат детска градинка со целосен обем на услуги , а и повеќето родители во тие општини не можат да си дозволат да ги плаќаат месечните надоместоци. Освен тоа, во многу места такво нешто и не е потребно бидејќи не е потребно целодневно згрижување на сите деца. За децата се грижат нивните родители, старатели или други негуватели како што се баби/дедовци или дадилки.

Сепак, квалитетни и добро организирани програми за ран детски развој придонесуваат кон обезбедувањето на цврсти темели за идниот живот на децата. Децата што учествуваат во вакви програми често остваруваат подобар успех на училиште и во животот, а родителите стекнуваат повеќе знаења како да го поттикнат развојот на нивните деца дома.

Центрите за ран детски развој кои ги поддржува УНИЦЕФ претставуваат исплатлива алтернатива за спроведување квалитетни програми за ран детски развој. Тие се најсоодветни за места во кои тешко би се создале услови за отворање на детска градинка, како што се на пример руралните места и маргинализираните заедници. Децата посетуваат организирана програма за учење неколку часа дневно, а родителите добиваат пристап до образовни програми за работа со децата дома. Програмата што се нуди преку центрите е заснована врз стандардите за учење и развој во рана возраст кои ги поддржува УНИЦЕФ.

Секој денар дониран за оваа иницијатива помага да се подобри учењето и развојот на децата од 0 до 5 години. Еден од начините на кои ќе го постигнеме ова е соработка со општините за отворање на нови центри за ран детски развој.

За да се отвори нов центар за ран детски развој во вашето место, општината треба да се пријави да учествува во програмата на УНИЦЕФ. Може да се пријавуваат сите општини, а ќе се даде предност на оние каде потребите се најголеми – руралните и маргинализираните заедници.

Општините треба да преземат обврска да:

  • обезбедат простор (зграда) за центарот
  • вработат едукатор
  • ги покријат тековните трошоци за работа на центарот.

Со средствата собрани преку оваа иницијатива УНИЦЕФ ќе:

  • ги покрие трошоците за помали уредувања или прилагодувања на просторот.
  • го опреми центарот со мебел.
  • го опреми центарот со играчки, материјали и опрема за учење.
  • ги обучи едукаторите за примена на најсовремени методи за ран детски развој.

Општините што сакаат да се пријават треба да се обратат до Канцеларијата на УНИЦЕФ во Скопје. Тел: (02) 3231150 или електронска пошта skopje@unicef.org.

Кликнете на картата за да ги видите сите центри за ран детски развој

#

Дознајте повеќе за Центрите за ран детски развој

 

Дознајте на кои други начини можете да ни се придружите