Развој на пристап кон учење

Овој домен се однесува на тоа како децата учат, а не на тоа што децата учат. Малите деца, по својата природа се љубопитни и сакаат да истражуваат. Создавање на позитивен амбиент за учење ги поттикнува децата да истражуваат, да решаваат проблеми, да бидат иницијативни, љубопитни и да поставуваат прашања. Во таков амбиент, децата развиваат позитивен пристап кон учењето кој е важен за понатамошен успех во училиштето, но и за процесот на активно учење во текот на целиот живот.

На секое дете треба да му се овозможи стекнување искуства низ процесот на учење кои соодветствуваат на неговите единствени потреби, можности и потенцијали.

Детскиот пристап кон учењето се однесува и на мотивацијата, однесувањето и когнитивните стилови кои децата ги демонстрираат кога учат нешто ново. Децата треба да бидат мотивирани, да го користат претходно стекнатото знаење и вештини. Во раното детство се поставуваат основите за доживотно учење.