Родители научете повеќе

Многу често, кога размислуваме за нашите деца, нашите желби за нивната убава иднина се најразновидни, но, најчесто, на крајот од размислувањето се претопуваат во најголемата: посакуваме да излезат на добар пат и да имаме долг живот, да можеме да им помагаме.

Родителите отсекогаш знаеле и знаат дека колку повеќе сме посветени во грижата за нашите деца додека се мали, толку поспокојни ќе да бидеме за нивното здравје додека растат, придонесуваме за нивната способност да учат уште од најмала возраст и, со тоа, го поттикнуваме нивниот севкупен развој.

Најновите научни сознанија за развојот на мозокот велат дека децата почнуваат да учат многу порано и учат во многу поголем обем во споредба со мислењето што владееше до неодамна.

Истражувањата што биле направени велат дека грижата што ја вложуваат родителите и семејството за развојот на децата [link to…] додека се многу мали, директно влијае на тоа какво ќе биде однесувањето на детето кога ќе порасне и какви резултати ќе постигнува во текот на школувањето што му претстои.

Ако им помогнеме да ја почувствуваат радоста на откривањето нови работи уште додека се мали, и уште на таа возраст да ја сфатат вредноста на образованието, испраќаме силна порака дека знаењето вреди, што ќе ни врати со спокојство и радост на нивните успеси во годините кога ќе се осамостојат.

Родителите се одговорни да му создадат на детето услови да учи и да се развива уште од најраната возраст, во стабилна и безбедна семејна атмосфера, и, со своето однесување, да промовираат конструктивни социјални и образовни вредности.

Сето тоа може да се постигне во домот, преку секојдневни разговори со децата, читање книги, раскажување приказни, но и со вклучување на децата во програми за рано учење и развој — запишување во детските градинки или во специјализирани центри за ран детски развој.

Голем придонес за создавање добри услови за рано учење во семејството и во заедницата може да дадат и воспитувачите од предучилишните установи — детски градинки или центри за детски развој, кои се стручни да им пренесат соодветно знаење на родителите. Не случајно, меѓу луѓето владее мислењето дека децата што одат во детска градинка порано созреваат, порано се осамостојуваат и полесно градат контакти со околината.

Најголеми резултати децата постигнуваат кога ќе се воспостави добра и редовна соработка меѓу родителите, децата и воспитувачите. Таквата соработка им помага на родителите и на секој што е вклучен за грижата за малото дете во семејството да добие квалитетни информаци за тоа како и, на кој начин програмите за рано учење и развој во предучилишните установи влијаат за поттикнување на детскиот развој.

Деновите што ги поминува детето во детската градинка се исполнети со забавни моменти. Тоа е период кога се случуваат најголемите промени во развојот на односот кон околината, чувствата, начинот на размислување и телесниот развој на детето.

Таквите промени, настануваат многу побргу отколку што ни успева тоа да го забележиме. Во свеста на родителите, градинката може да биде само место каде што детето е згрижено додека родителот е на работа, каде што деновите поминуваат во игра, хранење и спиење, но додека се децата таму, нивните мозочиња се постојано активни.

Преку игра и креативни активности, стекнуваат нови вештини, наоѓаат решенија за нештата што ги прават љубопиитни, стекнуваат самодоверба, се развиваат и усвојуваат позитивен пристап кон учењето.

Препознавањето на буквата „а“ за родителот може да биде голема радост или мала работа, бавен напредок во споредба со тоа што го знае некое друго дете, но, таквите мали работи, се основа за учење која ќе им служи понатаму низ животот.

Ова е период кога вреди да им дозволите и да погрешат. Секоја грешка е ново искуство и следниот пат кога ќе ја повторат, таа ќе им помогне да научат нешто ново, да разберат дека учењето може да биде и забавно.