Сè за развојот на моето дете

Периодот од раѓањето до времето пред да тргнат на училиште е период кога малите деца растат и се развиваат брзо и во голема мера во сите области од детскиот развој, или, стручно кажано, во сите развојни домени. Бидувањето родител, не подразбира само да им се обезбеди на децата здрава средина за растење, правилна исхрана и да се заштитат децата од болести. Тоа, воедно, значи и процес во кој родителите учат за да сфатат како нивните деца се развиваат додека се уште мали, за да можат да им помогнат и навреме да го поттикнат нивниот развој.

На овие страници, ќе најдете информации за тоа како да се одвива вообичаениот развој кај малите деца и за тоа што би можеле родителите да очекуваат во секоја од претстојните фази од развојот на децата. Во нив ќе најдете и совети како и на кој начин да ги задоволите развојните потреби на децата, како да ги поттикнете развојот на јазикот и способноста на децата за разговор, или поинаку кажано — комуникациските вештини, како полесно да се справуваат со своите чувства и да градат поедноставно однос со својата околина, почнувајќи уште од раѓањето.

Во приложените интерактивни материјали, брошури за родители и публикации, подготвени од УНИЦЕФ , ќе откриете колку е восхитувачки и колку е чудесен како процес раниот развој на децата.

Родителите имаат потреба за информации што ќе им помогнат да разберат како се развиваат малите деца и за да биде родителот одговорен родител треба да ги знае основните развојни карактеристики на малите деца. Тие треба да ги познаваат нивните чувства и потреби за дружење и откривање на околината, за да можат да го препознаат нивното социјалното и емоционалното однесување. Многу често, погрешното толкување на однесувањето на нашите деца може да нè доведе до постапка или решение кое нема да биде соодветно на тоа што го чувствуваат. Добрата упатеност во основните карактеристики на раниот интелектуален развој, прави родителите да биат пореални во нивните очекувања за тоа што треба нивните деца да знаат на одредена возраст.

Раниот детски развој е патување , а не е трка. Никогаш немојте да ги брзате децата да направат нешто за што не се подготвени. Исто така, треба да внимаваме, да ја храниме нивната љубопитност — да не ги спречуваме кога сакаат да учат нови работи. Но, за тоа патување се потребни и добри патокази. Тие патокази најчесто ги поставуваат родителите и сите што се грижат непосредно за здравјето и развојот на малите деца. Понекогаш е тешко да се постават вистинските патокази на вистинското место, но добро e кога знаете дека не сте сами во тоа.