Важноста на раниот детски развој

Истражувања што биле направени во неколку различни науки — антропологија, развојна психологија, медицина, социјални науки — укажуваат дека искуствата што ќе ги стекне детето во раното детство се важни фактори за развој на интелигенцијата, личноста и односот што ќе го има детето кон другите.

Ако се запоставени, ако не им се посветиме доволно да им помогнеме да изградат добар однос со околината, да научат да владеат со своите емоции во овој период, сето тоа ќе се одрази негативно врз подоцнежните периоди во животот.

Не е доволно детето да биде нахрането и здраво. Развојот на децата е истовремен развој во повеќе области. Сè е поврзано и ако некоја од нив биде запоставена, постои ризик детето да не го искористи целосно својот потенцијал, особено децата со посебни образовни потреби.

Конвенцијата за правата на децата посебно ја истакнува важноста на раниот детски развој и пропишува дека секое дете има право да го развие до највисоко ниво својот развоен потенцијал (Член 6), а земјите-членки на Обединетите нации се обврзуваат на секое дете да му обезбедат животен стандард кој ќе му овозможи физички, ментален, духовен и социјален равој.

Стресните ситуации на кои е изложено детето во раното детство —караници во семејството, агресивно однесување на некој од нивното опркужување —можат да направат подоцна низ животот детето да има тешкотии во развојот на мисловните процеси и учењето, во искажувањето и контролирањето на своите чувства, и, да има проблеми во градењето здрави односи со луѓето околу него.

Ваквите појави, можат да ја забават подготвеноста на детето да тргне на училиште, и да бидат причина детето да постигнува послаби резултати за време на школувањето во средните училишта и на факултетите.

Според статистиките, децата од социјално обесправените семејства имаат повеќекратни негативни последици од сиромаштијата и завршуваат помалку години училиште од нивните врсници од побогатите слоеви. Причина за тоа е нивната помала мотивираност и помал капацитет за учење.

Можноста да им се помогне, и овие деца да имаат колку што е можно поизедначен почеток во образовниот процес, е раното детство, како период во кој се случува интензивен развој на мозокот и се поставуаат основите на мисловниот и социо-емоционалниот развој.

Посветеноста на намалување на сиромаштијата и зголемување на можностите на сите деца да успеат во образовните постигнувања бара поголема инвестиција во раното детство и интегрирање на здравствени, социјални и образовни интервенции на локално, на регионално и на национално ниво. Колку повеќе ќе се вложи во создавањето услови за квалитетен развој на детето во раната младост, толку помалку ќе треба да се вложува во неговиот развој во подоцнежните периоди од неговиот развој.

Обебедувањето здрав когнитивен и социо-емоционалн развој кај секое дете заслужува највисок приоритет на секоја одговорна влада, локална заедница и кај секое семејство со мали деца.

Нашите деца се нашето најголемо богатство. Тоа што ќе им го дадеме во периодот од раѓањето до тргнувањето на училиште е најголемата инвестиција што кога и да е ќе можеме да ја вложиме во нив. Сè друго е надградба на темелот што сме го поставиле во најраното детство. Ако сме изградиле добар, цврст темел, ќе можеме спокојно да се радуваме на нивните успеси кога ќе пораснат. Миговите што ги двоиме денес за да одговориме на нивните љубопитни прашања, ќе ни се вратат десеткратно кога ќе почнат да не воодушевуваат со начинот на кој го толкуваат светот.

Инвестиција што вреди!